Гешталт психотерапијата е феноменолошко-егзистенцијална терапија која постои од 1940 година, а чии основачи се Фредерик (Фриц) Перлс и неговата сопруга Лора Перлс. Гешталт терапијата го означува човекот како интегрална целина која има потенцијали за развој. Цели на Гешталт феноменолошката анализа се свесност, процес на освестување, тераписка работа во „овде и сега” и експериментирање, со што личноста може да дојде до увид, промена и раст.  Гешталт терапијата е сложен психолошки систем којшто ја нагласува важноста на развојот на самосвесноста на клиентот и личната одговорност.

Гешталт терапијата укажува на важноста на феноменолошкиот метод на свесност, според кој перцепирањето, чувствувањето и однесувањето всушност се разликуваат од интерпретацијата и реконструкцијата на веќе постоечките ставови. Оттука, објаснувањата и интерпретациите, гешталт приодот ги смета за помалку веродостојни од она што е почувствувано, доживеано и перципирано.

Целта на Гешталт терапијата е да ја подигне свесноста на клиентите во однос на тоа како тие функционираат во нивната животна средина (со семејството, на работа, училиштето, пријателите). Фокусот на терапијата е повеќе на она што се случува (на процесот од момент во момент) отколку она што се дискутира (содржината). Свесноста е подготвеност за најважните настани во животот на клиентите и нивната животна средина со целосна сензомоторна, емоционална, когнитивна и енергетска поддршка. Поддршката се дефинира како сè со коешто личноста прави контакт или се повлекува  од можностите во животната средина, вклучувајќи енергија, поддршка на телото, дишење, информации, грижа за другите и јазик, на пример.

Во терапија, клиентите стануваат свесни за она што го прават, како го прават тоа и како се менуваат себе си, а во исто време, учат да се прифатат и да се вреднуваат себе си. Лицата се развиваат и учат за себе си преку односите со другите луѓе, односно стануваат свесни  дека тие постојано се менуваат.

Гешталт терапијата е “непредвидлива” во тоа дека терапевтот и клиентот го следат искуството од момент во момент и ниеден од нив не знае каде точно ќе ги одведе тоа. Гешталт терапијата е комплексна и интуитивна, но се заснова на следниве начела:

Холизам
Гешталт терапијата ја зема предвид целата личност вклучувајќи ги мислите, чувствата, однесувањето, сензациите во телото и соништата. Фокусот е ставен на интеграција, односно како мноштвото делови на личноста се вклопуваат заедно и како клиентот прави контакт (се поврзува) со животната средина.

Теорија на поле
Според оваа теорија, сè е поврзано, се е во континуирана промена, меѓусебно поврзано и во процес. Терапевтот се фокусира на тоа како клиентот прави контакт со животната средина (семејството, работата, училиштето, пријателите, авторитетите).

Процесот на формирање на фигура и позадина опишува како индивидуата ја организира или прави промени во нејзината животна средина од момент во момент. Секое искуство и секоја интеракција подразбира присуство на чувства и сензации  кои излегуваат на површина и такви кои се во позадина на полето.

Организмичка саморегулација е креативно прилагодување коешто организмот (личноста) го прави во однос на животната средина. Рамнотежата на личноста со неговото или нејзиното опкружување е “вознемирена” кога ќе се појави некаква потреба на клиентот, сензација или интерес и е поврзана со процесот на формирање на фигура, во кој потребата на личноста го организира полето. Терапевтот е заинтересиран за она што е “фигура” за клиентот,  бидејќи тоа може да му обезбеди увид во неговите потреби.

Сега и овде
Концептот на овде и сега е се она што се прави, мисли и се она што се чувствува во моментот, а не во минатото или иднината.

Незавршената работа се дефинира како неизразени чувства кои се поврзани со различни спомени и фантазии. Овие чувства може да бидат: незадоволство, бес, омраза, болка, анксиозност, тага, вина и напуштање кои не се целосно искусени во свесноста. Се повлекуваат во позадина , но се носат во сегашниот живот и предизвикаат преокупации, компулсивно однесување, загриженост и друго себе- поразувачко однесување. Незавршената работа ќе остане се додека личноста не се соочи и не ги разреши овие отфрлени или оттуѓени чувства.

Примена на Гешталт терапијата

Гешталт терапијата се чини особено корисна при работа со луѓе кои се прилично „затворени” кога станува збор за нивните емоционални искуства, меѓутоа оваа терапија наоѓа широка примена и во целиот опсег на потреби во областа на менталното здравје. Како метод за фацилитација на личниот и колективниот раст и развој, Гешталт терапијата се применува при работа со широк спектар на симптоми, при што се работи индивидуално, со групи, со парови и семејства. Гешталт терапијата е успешна при работа со анксиозни, депресивни, фобични симптоми, со психосоматски заболувања, интрапсихички конфликти, проблеми со авторитет, работа со разни видови емоционални и телесни симптоми и проблеми во семејните или партнерските релации. Покрај тоа, Гешталт терапијата се користи за кратки кризни интервенции, да им помогне на лицата со пост-трауматски стресни нарушувања, злоупотреба на алкохол и дрога, депресија или анксиозни нарушувања;  со сериозно ментално болни лица со психотични нарушувања како и со гранични растројства на личноста.

 

Резултати од Гешталт терапија

Гешталт терапевтите очекуваат дека како резултат на нивната вклученост во гешталт процесот, клиентите ќе се подобрат на следните начини: зголемена свесност за себе; превземање на  одговорност за нивното искуство отколку да ги прават другите одговорни за она што тие размислуваат, чувствуваат или прават; развивање на вештини и стекнување на вредности кои ќе им овозможат да ги задоволат нивните потреби без да се нарушат правата на другите; да станат свесни за сите свои сетила (мирис, вкус, допирање, слушање и гледање); да ја прифатат одговорноста за своите постапки како и последиците од истите; да се движат во насока на промена од надворешна поддршка кон внатрешна само-поддршка; да бидат способни да побараат и да добијат помош од другите и исто така да бидат во можност да дадат помош на другите.

Гешталт терапијата е ефикасна , позитивна и  хуманистичка терапија. Таа им помага на приврзаниците ( клиенти и терапевти) да станат одговорни за сопствените искуства и да експериментираат со нови начини на однесување и размислување. Таа им помага да ги практикуваат и целосно да ги искусуваат клучните моменти и емоции во животот . Свесноста за клучните теми или обрасци ги охрабрува практичарите и клиентите да станат вистински и поотворени за транзиција или промена.

врати се назад